Последниот викенд од ноември, со полн капацитет и многу љубов се славеше виното. Во елегантниот простор на хотел „Мериот“, по шести пат се случи „Винодонија“, настан кој спред посетеноста потврди дека виното е апсолутно најомилениот пијалак помеѓу нашата популација.
„Винодонија“ беше сцена каде се претставија 60 винарии со над 450 етикети на вино, со што се воспостави контакт со винската публика, се разбуди винската страст и на патот кон промовирањето на добрите вина и исти такви винарии стана сериозна конекција во развивањето на винската култура.
Организаторите овозможија гостите да си одберат свое катче, или кај винариите, или во делот со вкусни залчиња, или во едукативен пристап со одржувањето на неколку стручни работилници и предавања.
Во двата дена Винодонија 2022 ја посетија вкупно 1830 гости во кои имаше приватни вински љубители, угостители, хотелиери, новинари од дванаесет медиуми, претставници од седум амбасади и десетици корпоративни групи од фирми и компании.
Се слушаше добра музика и се вкусуваа интересни работи за кои беа задолжени дел од претставниците на Слоу фуд мрежата (ТУФ тартуфи, Моја бавча, Кози млеко планина, Мирјана Ангелеска, Перески лешник, Гаврилоски сувомеснати производи, Саша тартуф, Био Оил масла) како и Пекабеско, Рудине, Екстра фунги, Осоговски млечни производи...
Се гледаме на Винодонија 2023!